ОН: Ситуацијата во Украина се влошува

Официјални претставници на ОН предупредија за влошување на хуманитарната ситуација во источна Украина, додека некои членови на Советот за безбедност на Обединетите Нации (ОН) ја обвинија Русија за кризата.

Џон Гинг , директор на ОН за хуманитарни операции , на синоќешниот итен состанок за украинската ситуација рече дека борбите меѓу украинските сили и про-руските сепаратисти ги ставаат цивилите во ризик. Тој рече дека снабдувањето со вода и енергија станува ограничено , поради борбите и дека повеќе од 1350 луѓе – цивили и војници – се убиени.

Агенцијата за бегалци на ОН објави дека околу 285.000 луѓе ги напуштиле своите домови.

Членките на Советот за безбедност, Велика Британија и САД, наведоа дека руската поддршка на сепаратистите е причина за кризата. Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин изјави дека ситуацијата во градовите Луханск и Доњецк е катастрофална. Заменик-амбасадорот на Украина во ОН, Олександар Павличенко , негираше дека постои хуманитарна криза во Украина.