ОН: Во насилствата во Ирак загинале над 1.000 луѓе

Мисијата на ОН во Ирак соопшти дека во насилствата во Ирак загинале над 1.100 луѓе, меѓу кои 600 цивили, пренесе МИА.

Во денеска објавениот извештај, Мисијата на ОН за помош во Ирак (УНАМИ) наведе дека минатиот месец во земјата загинале 1.103 луѓе, од кои 611 биле цивили.

Останатите се припадници на силите за безбедност.

Најмалку 2.280 се ранети, а меѓу нив 1.353 цивили.

Според овие податоци, најмногу насилства имало во ирачката престолнина Багдад, каде 329 цивили загинале, а 875 се ранети.

Со тие податоци не е опфатена една третина од ирачката територија која ја зазеде екстремната џихадистичка организација „Исламска држава“.