ОН „згрозени“ од масовните бесења во Ирак

Челникот на агенцијата за човекови права при Обединетите нации, Зеид Ра’ад ал-Хусеин, изјави во средата дека е „згрозен“ од податокот дека во Ирак во неделата биле обесени 42 мажи, како што рече, речиси сигурно без чесно судење, како и дека стравува дека ќе има и нови.

Погубените затвореници се осудени за тероризам, со обвинувања кои се движеле од убивања на припадници на ирачките безбедносни сили до детонирања автомобили бомби.

„Бев згрозен кога слушнав за погубување на 42 затвореници во еден ден. Извонредно сме загрижени од извештаите дека Ирак можеби планира да продолжи со погубувањето на затворениците веќе осудени на смрт, како и дека тоа би можело да резултира со многубројни егзекуции следните седмици“, изјави високиот комесар за човекови права при ОН, Заид Ра’ад ал-Хусеин.

Зеин додаде дека е „многу проблематично“ дали на погубените затвореници им било овозможено праведно судење, вклучително и правото на правна помош, жалба и молба за простување.

Овие осуденици се погубени по самоубиствените напади на екстремните сунитски бунтовници од 14-ти септември крај градо Насирија, на југот од Ирак, во коишто загинаа најмалку 60 луѓе.

Официјален Багдад соопшти дека околу 1.200 од проценетите 6.000 затвореници кои се затворени во Насирија се веќе осудени на смрт, се наведува во изјавата. Заид рече и дека извршувањата на смртните казни во Ирак предизвикала „голема загриженост“ и ја повика ирачката влада веднаш да прогласи мораториум на нејзиното применување.