Опаѓа бројот на поддржувачи на студентските протести

Студентскиот пленум денеска непосредно пред почеткот на собраниската седница на која треба да се изгласаат промените во високото образование, организираше нов  протест.

И покрај тоа што неколкупати студентите излегоа на протести да го покажат своето незадоволство, повеќе од очигледно е дека нивната поддршка е драстично намалена.

Во меѓувреме, поддршката за реформирање на високото образование од ден на ден се’ повеќе се зголемува. Одредени професори ја создадоа и „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование” во која досега се приклучија повеќе од 250 професори.

Во изминатиов период на темата Високо образование се одржаа неколку конструктивни дебати од кои подоцна од страна на Министерството за образование беа прифатени повеќе од 20 професорски предлози.

МОН вчера во јавноста излезе со соопштение дека државниот испит најпрво ќе се спроведува како пилот проект на барање на универзитетските проферсори и УКИМ. Понудениот предлог од МОН позитивно го оценуваат и сметаат дека е конструктивен и добар.

Во соопштението наведуваат дека Министерството за образование и наука позитивно ја оценува досегашната јавна дебата и дискусија која се реализира со цел да се унапреди и надгради предложениот пакет реформи за подигнување на квалитетот на севкупниот образовен систем во Република Македонија.

– Изразувајќи почит кон Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и другите универзитети, Министерството за образование и наука останува отворено за секоја аргументирана иницијатива и предлог реформа која значи понатамошно унапредување на квалитетот на образованието во Република Македонија, стои во соопштението.

 

Фото. Курир

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.