Опасно: 400 гостиварчани возеле без дозвола

Од тетовската полиција информираат дека во подрачјето на Гостивар минататa година се регистрирани 400 лица кои возеле без дозвола.

Портпаролот на тетовскта полиција, Марјан Јосифоски потенцира дека на поширокото гостиварско подрачје и натаму голем е бројот на оние лица кои седнуваат зад волан без положен возачки испит, односно без соодветна дозвола.

„Лани, регистрирани се 400 поединци кои управувале без дозвола, а 28 биле возачи-почетници кои, спротивно на законските прописи, ги управувале возилата без придружник“, вели портпаролот  Јосифоски.

По направените анализи во Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар, констатирано е дека сообраќајната недисциплина и лани била на релативно високо ниво и покрај многубројните превентивно-контролни активности.

Од СВР Тетово најавуваат дека и годинава со несмалено темпо ќе продолжат со нив за да се постигне поголема безбедност на патиштата и улиците во Гостивар и Гостиварско. Лани, од околу три илјади подесоци, наместо да платат за сторени прекршоци, над 700 лица се одлучиле за впишување негативни бодови во нивните возачки книшки.