Опасност од судир меѓу вахабистички групи во БиХ?

Безбедносните служби во БиХ се во состојба на зголемена готовност поради предупредувањата од западните разузнавачки агенции дека во Сараево и другите градови во Муслиманско-хрватската федерација се подготвуваат жестоки судири меѓу непријателските фракции на радикалното исламистичко движење вахабисти, соопшти електронското издание на весникот „Прес Републике Српске“.

Според добро информирани извори на весникот, информацијата дека земјата е под закана од отворен судир меѓу две непријателски вахабистички движења е една од главните причини заради кои британската Влада уште пред половина година одлучи во БиХ да испрати дополнителни сили во рамки на Европските сили за брзо реагирање (ЕУФОР).

Едното од нив, предводено од Нусрет Имамовиќ, се поврзува со Ал Каеда, а на чело на второто е Бајро Икановиќ, кој има војувано во Сирија на страната на исламистичката група „Исламска држава во Ирак и Левантот“ (ИДИЛ).

Според босанските служби за безбедност, најголемата опасност во моментот не се потенцијалните терористи, кои можат да ги нападнат амбасадите на САД или западните земји, туку избувнувањето на вистинска мала војна меѓу вахабитите.