OPCW: Во Сирија сигурно е користен сарин или слична супстанца, Русија укажува дека инцидентот може да е конструкција

Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) објави во средата дека тестовите „неоспорно“ докажале дека гасот сарин или слична супстанција биле користени во наводниот хемиски напад во сириска покраина Идлиб на почетокот од април, додека Русија, како сојузничка на владата во Дамаск, која е обвинета за инцидентот претстави низа докази дека можно тој да е исконструиран, пренесуваат агенциите.

Примероци од десет жртви во наводниот напад во Кан Шејкун, каде што на 4 април загинаа 87 луѓе, биле анализирани во четири лаборатории и „сведочат за изложеност на сарин или слична супстанција“, изјави директорот на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW), Амет Узумчу.

Во очекување на други информации по лабораториските анализи, добиените резултати се неоспорни“, додал Узумчу на состанокот на Извршниот совет на организацијата во нејзиното седиште во Хаг, пренесува AFP.

Други биолошки примероци од седум хоспитализирани лица се анализираат во други две лаборатории. Контролната мисија којашто ја одреди OPCW е подготвена да замине во споменатиот сириски град доколку безбедносната ситуација тоа го дозволува, додал Узумчу.

Истовремено Москва во организацијата предала низа докази кои сведочат дека инцидентот со можната употреба на хемиски агенси во Идлиб имаат провокативен карактер, изјави за агенцијата ТАСС постојаниот претставник на Русија во OPCW, Александр Шулгин.

Според него, во текот на состанокот на Извршниот совет на организацијата во Хаг, зборувал директорот на одделот за прашања од неширење и контрола на оружјето во руското министерство за надворешни работи, Мухаил Улјанов.

Откако беа информирани дека рускиот претставник планира својот настап да го поткрепи со фотографии, западните партнери се обидоа да го спречат. На крајот, сепак, на Улјанов му беше овозможено да ги покаже фотографиите од местото на инцидентот“, рекол Шулгин.

Според руската страна, тие фотографии биле важни затоа што наведувале дека се конструкција видеата кои беа поставени на YouTube, и според снимките има многу недоследности во верзијата дека во инцидентот е користено хемиско оружје.

Се тврди, на пример, дека бил употребен сарин, кој е најсилниот отров. Но лекарите знаат дека при примената на сарин се стеснуваат зениците. Меѓутоа, на фотографиите е очигледно дека зениците на децата се прошиени..“, рекол соговорникот на Агенцијата.

Втората недоследност, според Шулгин, се однесува на покажувањето на кратерот направен од експлозија, со којашто локалните хуманитарни организации ја илустрираат верзијата за злосторствата наводно сторени од сириската влада. Но, додал, не е потврдено дали кратерот е направен од авионска бомба или од проектил, туку снимките укажуваат на тоа дека бил направен од мала експлозивна направа на земјата со додавање некои хемикалии.

Додал дека рускиот претставник во OPCW изразил надеж дека колегите ќе бидат во можност да одговорат на рускиот и иранскиот предлог за итна истрага на теренот.

Руското министерство за одбрана веднаш по инцидентот објави дека сириската авијација бомбардирала магацини каде што се чувала и подготвувала муниција со отровни супстанции, кој биле донесени од Ирак и биле претходно користени во борбите за сириската покраина Алепо. Меѓутоа, САД сметаат дека Дамаск употребил хемиски агенси поради што со 59 крстосувачки ракети „Томахавк“ ја бомбардираа воената база во покраината Хомс, од каде што според Вашингтон наводно полетале авионите за наводниот напад со хемиско оружје.