ОПЕК нема да го намали производството на нафта

Земјите од Персискиот Залив изјавија дека нема да го намалат производството на нафта или да одржат итен состанок, наспроти заситеноста на глобалните резерви и падот на цената на нафтата, објави МИА повикувајќи се на информации од Танјуг.

Моќните земји членки на ОПЕК, Саудиска Арабија и Кувајт вчера соопштија дека нема да го намалат производството, дури и во случај земји што не се дел од ОПЕК да го направат тоа, додека Ирак и Обединетите Арапски Емирати го одбија повикот за итен состанок на организацијата.

– Ако земјите што не се членки на ОПЕК сакаат да го намалат производството, тоа е добредојдено да го направат. Ние тоа нема да го направиме, особено не Саудиска Арабија, изјави саудискиот министер за нафта Али ал Наими.

Кувајтскиот министер за нафта Али ал Омаир изрази согласност со тоа, истакнувајќи дека не смета дека е потребно намалување.

– Ништо нема да се случи до јуни и нема да има итен состанок, изјави тој.

Претставниците на Ирак, исто така, не беа за итен состанок, а нивниот министер за нафта Адел Абулмахди изјави дека очекува цената на нафтата да се стабилизира на 60 долари за барел.

Сухаил ал Мазроеи, министер за енергетик на ОАЕ, изјави дека ОПЕК наскоро нема да преземе никакви чекори за стабилизирање на пазарот.

– Нема да се мешаме на пазарот и да преземеме нешто што ќе биде со краток рок, изјави тој.

ОПЕК минатиот месец одлучи да се задржи производството од 30 милиони барели на ден, наспроти падот на цените на нафтата од јуни за речиси 50 отсто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.