Опожарени три дуќани во Пробиштип

Ноќеска педесетина минути по полноќ избувнал пожар во еден од дуќаните наоѓаат на градскиот плоштад во Пробиштип. Од пожарот биле зафатени три дуќани од кои една слаткарница, продавница за чевли и земјоделска аптека, јави МИА.

– По дојавата за пожар територијалната противпожарна единица беше активирана и за  кратко време со три возила и осум пожарникари пристигнавме на местото на настанот. Пожарот кој имаше поголеми размери го локализиравме за еден час и не дозволивме негово ширење на околните дуќани – изјави Васе Митрев, командир на противпожарната единица во Пробиштип.

Според Миливој Николовски, сопственик на слаткарницата, пожарот бил забележан од вработените и тоа во нивните простории.

На местото на настанот се наоѓаат увидни екипи кои ја проценуваат настаната штета, која според сопствениците на трите опожарени дуќани е мошне голема.