„Опозицијата да се вклучи во политичкиот дијалог“

Повици до опозициските пратеници да учествуваат во работата на Парламентот и политичкиот дијалог, но и дилеми за тоа што во ситуација кога  Европската комисија најавува дека нема да има проширување на Унијата во следните пет години, беа искажани на денешната прва седница на Националниот совет за евроинтеграции во овој пратенички состав.

На две недели пред објавувањето на новиот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, вицепремиерот Фатмир Бесими, пратениците од владејачкото мнозинство и претставници од различни општествени сфери од седницата на Националнот совет ја повикаа уште еднаш опозицијата да се вклучи во политичкиот дијалог и да учествува во работата на Парламентот.

Македонија, како досега, треба максимално да работи и во следните две недели за добивање на препорака  за отпочнување на преговори, истакна вицепоремиерот Бесими појаснувајќи дека дали и како ќе биде формулирана препораката не се знае речиси до објавувањето на Извештајот на напредокот. Реферираше пред Националнот совет за усогласувањето на македонското со европското законодавство и притоа рече дека од планираните 43 закони во првите шест месеци од оваа година се донесени 14, три се во собраниска процедура, два во владина, а осум во меѓуресорска дискусија. Динамиката на носење на закони, според него, беше забавена поради двата изборни процеси и неработењето на Парламентот. Исто така има напредок во судството, а исклучително битно во земајата за функционирање на политичкиот дијалог е враќањето на опозицијата во Собранието.

 – Тоа што како сугестии може да се очекува во наредниот период се и тоа во делот на судството – зајакнување на независноста на судството и квалитетот на правдата, политичкиот дијалог, слободата на изразување и медиумите, меѓуетничките односи и Охридскиот рамковен договор, изборната реформа и добрососедските односи и слободата на изразување. Тоа се области што очекуваме да бидат нотирани за главен фокус во наредниот период, изјави Бесими.

Битно е да докажеме дека Република Македонија може да се справи со сите разлики, додаде Бесими поздравувајќи го, како што рече, враќањето на ДПА во Собранието.

Во врска со уставните амандмани рече дека денеска пристигнале забелешките од ЕК кои официјално треба да бидат доставени до македонските институции, а оти од Венециската комисија се веќе пристигнати.

– Тоа што се очекува од нас е детална дискусија за тие коментари и забелешки и сугестии. Претставниците и од ЕК и од Венециската комисија искажуваат подготвеност заедно со нашите институции да одат подетално за тоа како тие треба да се решат. Во делот за финансиските зони, тоа се однесува на усогласеност на заедничкиот пазар односно на обврските што ги имаме превземено со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и со правото на ЕУ, изјави Бесими.

Исто така  ЕК, според него, укажува на потребата од инклузивност во целиот процес.- Повторно е важно да има вклученост на сите чинители особено опозициските партии во Република Македонија, изјави Бесими.

Заменик претседателот на Националнот совет за евроинтеграции Илија Димовски истакна дека очекува претставниците на политичките партии кои што се во опозиција да покажат одговорност и да се вклучат во работата на Националниот совет за евроинтеграции особено имајќи го предвид инклузивниот карактер на Советот и неговиот состав кој ги рефлектира различните политички, етнички, верски и интересни групи во македонското општество.

Република Македонија, според пратеникот Антонио Милошоски, треба да биде задоволна со назначувањето на еден реномиран австриски политичар на местото комесар за соседство и политики за проширување.

– Важно е дали Македонија што поскоро ќе го добие датумот што го заслужила за да ги отпочне преговорите за членство. За да го добиеме заслужениот датум треба да се случат некои работи меѓу кои одговорноста на Владата, Собранието, сите политички партии вклучувајќи ја и опозицијата да направиме еден чекор напред поблиску до заслужениот датум. Затоа сметам тоа што треба да се случи е опозицијата да влезе во Собранието, а Македонија да влезе во процесот на преговори со ЕУ, изјави Милошоски.

СДСМ, смета тој, како политичка партија која има свој влог во евроинтеграциите би требало да биде на нивото на одговорност и со завземањето на освоените пратенички места и вклучувањето во овие дебати за евроинтеграциите да го даде својот прилог кон заедничката цел Македонија што поскоро да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ.

-Во овој Извештај ќе има повторно критики и пофалби, но важно е што ќе ја имаме повторно препораката за почеток на преговори за членство во ЕУ, рече пратеникот Милошоски.

За Нора Алити, заменик претседател на собраниската Комисија за европски прашања отсуството на политичкиот дијалог ги бледнее постигнувањата на Македонија, а одговорноста за евроинтеграцискиот процес ја имаат сите и власта и опозицијата и никој неможе да ја амнестира.

Професорот Димитар Мирчев ја отвори дилемата за тоа што ќе се случува со Македонија и со земјите аспиранти за членство во Унијата во ситуација кога еврокомесарот Јоханес Хан најави дека во следните пет години нема да има проширување на ЕУ.

– Првата изјава на комесарот Јоханес Хан беше дека со проширувањето е точка во следните пет години. Мислам дека е потребна сериозна политичка дискусија за да видиме што значи тоа. Следните години нема проширување. Ние и задутре да ги започнеме преговорите и под услов многу, многу брзо да ги завршиме и онака немаме шанси за пет години да не примат. Веројатно тој процес ќе трае многу подолго. Моето прашање и предлог за расправа е што во тој случај со македонското приклучување, изјави Мирчев.

Дали треба малку да го закочиме целиот процес, што ќе прави Македонија во овој случај и имаме ли некоја алтернатива, план „Б“, тоа што стопанството го бара веќе подолго време, праша професорот Мирчев.

Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија смета дека треба да се побара рачистување на позициите на Европската унија во ситуација кога од една страна нема проширување во следните пет години, а од друга се изјавува дека земјите членки на Унијата ќе имаат потреба од работоспособно население.

Претседателот на Здружението на новинарите Насер Селмани го поздрави подобрувањето во судската пракса во постапувањето против новинарите и изрази надеж дека така ќе се постапува и во случаите со новинарот Томислав Кежаровски и со неделникот „Фокус“. Селмани посочи дека и покрај нивното инсистирање Владата не истакнала подготвеност за разговори за законско ревидирање на владините кампањи и забележува дека сеуште нема решение за финансирањето на јавниот сервис МРТВ.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.