Опозицијата ги обвини функционерите на СДСМ за лаги и манипулации на граѓаните

Александар Кирацовски и Миле Зечевиќ, високите партиски фукционери на СДСМ, продолжуваат да ги манипулираат и лажат граѓаните и двајцата се во невозможна мисија меѓу членството на СДСМ да го прикажат капитулантскиот договор за промена на уставното име на Македонија како победа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сѐ што вети Заев за договорот излажа, гарантираше непроменет Устав, јазик и нација, се колнеше во своите предци и идни генерации и повторно излажа. Сега Кирацовски и Зечевиќ се во одбрана на својот шеф Заев со уште лаги кои ќе им ги сервираат на граѓаните. Договорот со Грција е акт со кој се брише македонската историја, име, јазик и нација, се она кое Заев ветуваше дека ќе остане непроменето. Со капитулантскиот договор се брише се што е македонско, се брише Македонската академија на науките и уметностите, се брише Македонски народен театар, Археолошки музеј на Македонија, се брише придавката македонски во својата изворна смисла. Останува прашањето за што се изборил Заев и СДСМ, за каква победа говорат?, стои во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочувааат дека владејачката партија зборува за земјоделието кога Владата сѐ уште не ги исплатила оштета, на оние граѓани на кои им ветуваа поголеми субвенции и повторно ги излажале.

„Кирацовски и Зечевиќ немаат право да говорат за инфраструктурни проекти, кога единствено се китат со туѓи перја и се фалат со проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Реализацијата на капиталните инвестиции за 2018 година изнесува катастрофални 10.9 проценти за првиот квартал, што значи дека нема, не се реализираат нови капитални инвестиции во инфраструктурата и дека ветувањето за 500 километри автопат беше единствено уште една шарена лага на Заев и СДСМ. Нема да ви помине, граѓаните нема да дозволат да бидат излажани од картелот на власт, на кој не му беше доволно богатењето на грбот на граѓаните па се одлучи и на распродажба на државните интереси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.