Опозициските мандати ќе го чекаат Самитот на ЕУ

Опозициските мандати ќе го чекаат Самитот на ЕУ. Како што пишува Прес 24 повикувајќи се на собраниски извори, Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Велјановски планира дотогаш да го чува во фиока заклучокот кој ќе и го достави комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања.

Според Деловникот на Собранието, собранискиот спикер откако ќе го добие заклучокот треба да го стави на првата наредна собраниска седница на дневен ред.

Засега закажани се две седници – онаа за пратенички прашања и седница на први декември, но од Собранието велат дека додека комисијата заврши со работа ќе бидат закажани уште неколку седници.

Прес 24 повикувајќи се на истите извори пишува дека со седницата ќе се тактизира за да се покаже конструктивност до рокот кој што Брисел го постави да се најде излез од политичката криза.

Инаку Комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања имаше рок од 15 дена да се произнесе во однос за оправданоста на отсутоста на пратениците. Но и по една недела од преземањето на извештајот, претседателот на Комисијата Александар Николовски нема закажано седница.

Претседателот на Владата Никола Груевски во интервјуто за ТВ АЛФА, потенцираше дека одземањето на мандатите на пратениците од опозицијата не зависи од него, туку од законот, актите, Деловникот за што е задолжен претседателот на Собранието.

– Ако јас се прашувам, јас би сакал тие што побрзао да се вратат во Парламентот и таму да ги судриме нашите видувања, мерки, реформи, нивната критика, и одговорот на таа критика. Но може да се случи и што било друго зашто јас не сум над законот. Претседателот на Собранието во даден момент ќе мора да го спроведе законот и не е важно што јас мислам и спротивно на мојата волја можеби во еден момент нема да има друг избор освен да се спроведе закнот и да се прифатат тие оставки, рече Груевски.

По многуте шпекулации за тајни средби меѓу лидерите на двата политички блока, денеска лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, за „Мета“ изјави дека нема никакви преговори помеѓу власта и опозицијата.