Опозициските медиуми во обид да го прикријат фијаското на професорите

Со класични манипулации медиумите на СОРОС и СДСМ продолжуваат со обидот да ги “исперат“ пленумците професори по фијаското кое го доживеаја. Најгласните професори кои се против реформи во високото образование избегаа од аргументиран дијалог, иако првично прифатија да се појават на местото кое самите го побараа, Собранието на Република Македонија.

Јавен срам за професорскиот пленум. Скандал од невидени размери. Ова се коментарите со кои Социјалните мрежи преплавени по завчерашното случување пред Александар Палас. На дел од опозициските медиуми кои се обидуваат да ја прикријат вистината можат да се видат целосно неточни наслови, полувистини и полуинформации.

Диктатурата на оние кои секојдневно говорат за некаков “режим“ и “диктатура“ излезе на површина. Манипулациите не можат да ја сокријат вистината и фактот дека професорите избегаа од дебата, иако самите пред камери ветија дека ќе дојдат на истата на нивното посакувано место. По неколкуминутни политички консултации, професорите си го погазија зборот, најверојатно по добиени инструкции од центарот чии интереси ги бранат и застапуваат.

Откако маските паднаа, упатените коментираат дека станува сосема јасно дека таканаречениот Пленум не е ништо друго, туку само инструмент на СДСМ и СОРОС, чија единствена цел е да ја поддржува политиката и агендата на слабиот и неинвентивен СДСМ, а со тоа наместо во интерес на образованието да работи за тесните политички интереси на една партија. Веќе нема дилеми дека пленумот не сака решенија, не сака аргументиран дијалог и не сака квалитет. Бегајќи од дебата за реформите во високото образование професорите“пленумци“ го покажаа вистинското лице и за кого всушност одработуваат.

Според докторантот на Правниот факултет Тимчо Муцунски, реформите кои се предлагаат ќе придонесат за дополнителен квалитет во образованието, а со тоа и за поквалитетни кадри кои ќе можат да одговорат на предизвиците на современото живеење.

-Неучеството во дебатата од страна на професорите кои генерално се спортивставуват на концептот и потребата за реформа во високообразовниот и научниот процес според мене е само уште една пропуштена шанса во демократски воозможен дијалог да ги искажат своите ставови и мислења за кои верувам дека можат да бидат конструктивни, а уште повеќе сум убеден дека постои волја да бидат разгледани и можеби прифатени од страна на предлагачот на измените, смета Муцунски.

По дебаклот, опозициските медиуми се обидоа да ја прикријат вистината пласирајќи класични дезинформации, манипулации и полувистини. Медиумите контролирани од СДСМ лажат дека премиерот Груевски сам си го преместил собирот, бидејќи Собранието како можна дестинација за дебатата првично го спомена токму професорката Билјана Ванковска, предлог што експресно беше прифатен од Груевски.

Гласот на Америка во својот манипулативен текст никаде не споменува дека професорите прифатија да се појават на дебата во Собрание, туку изнесува низа невистини со тврдењето дека „Груевски самиот ја дислоцирал дебатата за државниот испит во високото образоваание“

-За време на излагањата на професорите од „Професорскиот пленум„ кои не сакаа да учествуваат на задоцнетите разговори меѓу Министерството за образование и Интеруниверзитетската конференција околу предлог-измените во Законот за високо образование кои веќе влегоа во собраниската процедура, пред хотелот „Александар Палас“ во Скопје, ненадејно  дошол премиерот Никола Груевски. По кус разговор со професорката Билјана Ванковска, која потенцирала дека „хотел е место за туризам а не за парламентаризам“, премиерот, тврдејќи дека Владата е отворена за дијалог, самиот ја дислоцирал дебатата за државниот испит во високото образоваание, но не во Владата, туку во парламентот, пишува Гласот на Америка во манипулативниот текст.

Ова ли е слободното новинарство на опозицијата, кога сите медиуми кои се под нејзина контрола оркестрирано и од еден центар контролирано се обидуваат да ја манипулираат јавноста. Дел од нив, како на пример Нова ТВ, дури излезе и со информација дека професорите го одбиле повикот за дебата, што секако претставува врв на манипулацијата.

Покрај Професорскиот, ниту Студентскиот пленум нема алиби за бегството од дебатата, бидејќи непосредно пред нејзиниот почеток, владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев јасно стави до знаење дека студентите се добредојдени на дебатата.

-После фијаското, мислам дека треба да проработи совеста и треба да проработи и професионалноста кај голем дел од нив, се со цел да се добие поквалитетно решение, односно да бидат инкорпорирани нивните забелешки, тие сигурно имаат добри предлози кои треба да бидат сослушани од страна на релевантните фактори, смета универзитетската професорка Татјана Каракамишева.