Опозициските портали долеваа масло во оганот за протестите во Ѓорче

Порталите блиски до опозицијата, на критичниот ден од протестите во Ѓорче Петров кога лесно можеше да дојде до прелевање на незадоволството и распламнување на нередите, долеваа масло во оганот разгорувајќи тензија, притоа заборавајќи на принципите на објективното новинарство, пишува порталот „Курир“.

Порталите блиски до СДСМ објавуваа невистинити и тенденциозни наслови како тоа дека имало 50 поврдени во немирите, исто толку приведени, крв и војна по улиците, а  полицијата интервенирала со оклопни возила и шок бомби. Како поминуваше времето, бројот на приведени се намалуваше, а бројката на повредени воопшто не се ни споменуваше.

Порталот „Плусинфо“ кој предничеше во ваквите тендензиозни известувања за повредени лица, кои се покажаа како невистинити, пишуваше дека вистинска „војна“ се случувала на улиците, а главната улица наликувала на воена зона.

„Како што дознаваме, вистинска „војна“ се случува на потегот после бурекџилницата „Цујо“.Најмалку 50 повредени има во моментов во Ѓорче Петров, меѓу кои и повозрасни граѓани“, пишуваше порталот.

Првичните проценки според „Плусинфо“ беа дека има 700 припадници на МВР во Ѓорче Петров. Подоцна, кога никој не ја потврди бројката од 50 повредени, „Плусинфо“ ја намали на 10, за да на крај напише дека имало тројца повредени цивили и наводно 11 полицијаци и наместо првичното тврдење дека на терен има 700 полицајци, бројката да ја сведе на само стотина.

Згора на тоа, новинарот на терен Горан Наумовски известуваше дека постојано низ улиците минуваат комбиња на Брза помош кои им помагаат на повредените, а потоа се испостави дека повредени кои се пријавени по скопските болници нема воопшто.

Ваквата практика на распламнување на немирите и страстите освен порталот на Бранко Героски ја следеше и порталот „Либертас“ на Ацо Кабранов, кој лиферуваше бројки  со 50 повредени, па после половина час извести дека 10 лица биле пворедени, но ништо од ова не беше вистина. Осамнаа и наслови дека од другата страна на Ѓорче Петров, во Сарај, дека има сериозна бројка на Албанци кои се собирале во самоодбрана.

Единствените повредени од целите протести беа неколку полицајци и помалку од триесеттина приведени поради агресивното однесување и дивеење по улиците. На овие портали никаде ниту збор немаше тоа дека толпата ја каменуваше полицијата и дека меѓу демонстрантите имаше уфрлено навивачки хулигани од други делови на Скопје кои се едните исти кои предизвикуваат немири на секој спортски натпревар.

На ваквото непрофесионално известување и потпалување на страстите кои лесно можеа да преминат во инцидент од поголеми размери се надоврза и СДСМ, кој следниот ден обвини дека полицијата реагирала неефикасно и дека тепала граѓани, што беше далеку од реалната слика. Она што е најважно е дека не следеше никакво извинување ниту корегирање на порталите кои пренесоа целосно погрешни податоци и ја дезинформираа јавноста.