Општина Бутел доби „Урбан ѕид“

Подвозникот кон населбата Радишани денеска од младите луѓе и претставниците на локалниот младиснки совет од општината Бутел беше претворен во урбан ѕид, на кој се испишуваа пораки за заштита на животната средина и се цртаа графити со еколошка тематика.

Овие активности се дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт, симболично наречен „Урбан ѕид“, чија цел е да даде поддршка на младата популација во изразување на нивната креативност во создавање на урбана уметност.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески потенцираше дека многу често, цртањето графити се смета за вандализам, но кога постои точно одреден простор за нивно творење и презентација на креативниот ум и младешки став, тие се уметност која секогаш е позитивно перцепирана од очите на случајните минувачи.

urban_zid (2)

-Овој проект, кој го реализира Агенцијата за млади и спорт е наменет за младите преку поддршката тие да се изразат на  креативен начин,  да се поттикнат да бидат креативни и пред сè преку можноста тие да имаат свој простор, кој од денес натаму ќе биде наменет за нивното креативно изразување. Симболично денешните пораки се еколошки, со кои сакаме да го одбележиме и Меѓународниот ден за заштита на животната средина, изјави Спасески.

Тој искажа надеж дека граѓаните и пред се младите луѓе позитивно ќе го прифатат проектот, чија основна цел е да се насочат младите својата креативност да ја насочат во позитивна насока и да се одвратат од идејата да пишуваат графити било каде и со било каква содржина.

-Напротив, основната замисла на проектот е младите преку исцртување на графитите да ги искажат своите позитивни мисли и да испратат позитивна порака до сите чинители во општеството, заклучи Спасески.

Меѓународниот ден за заштита на животната средина симболично беше одбележан и со еколошка активност за чистење на училишниот двор во СУГС“Зеф Љуш Марку”, како и со одигрување на ревијален фудбалски натпревар помеѓу учениците на училиштата “Арсени Јовков” и “Зеф Љуш Марку”.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.