Општина Илинден ја продолжува грижата за пензионерите

Новоизбраното раководство на Здружението на пензионери на Општина Илинден ја посети Општината, при што имаше средба со градоначалникот Жика Стојановски.

На средбата беше потенцирана оценката за досегашната успешна соработка меѓу Општина Илинден и Здружението, кое брои 1.900 членови.

Здружението на пензионери е еден од поактивните чинители во јавниот живот на Општината, кое со своето искуство дава поддршка и активно учествува во реализацијата на голем број проекти од интерес на граѓаните на Општина Илинден

Пензионерите за време на средбата со градоначалникот Стојановски искажаа благодарност за континуираната поддршка на повеќе полиња што Општина Илинден им ја дава во последните неколку години, особено за функционирањето на пензионерски клубови, каде што пензионерите можат да го минуваат слободното време, да се дружат и да реализираат разни културни активности.

Sredba so penzioneri vo opstina Ilinden-2

Градоначалникот Стојановски истакна дека Општина Илинден во континуитет ги следи потребите на пензионерите и се труди во рамките на своите можности секогаш да им излезе во пресрет. Според неговите зборови, грижата  за највозрасните, од чие богато животно искуство може многу да се научи, ќе продолжи и во иднина.

На средбата стана збор и за проектите што во иднина заеднички ќе ги реализираат Општина Илинден и Здружението со кое пред неколку години беше потпишан Меморандум, со кој беше воспоставена меѓусебната соработка во спроведувањето на активностите за унапредување на квалитетот на живеење, како и културните, спортските и хуманитарните потреби на пензионерите на подрачјето на Општина Илинден.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.