Општина Кисела Вода апелира до граѓаните да ги исчистат оџаците

Со цел превентивно делување и спречување на потенцијални пожари, општина Кисела Вода ги повикува сите жители на оваа територија кои за затоплување на своите објекти користат тврдо гориво, да ги исчистат оџаците.

Нивната неисправност и нередовно чистење и одржување претставува сериозна опасност која може да има немерливи последици. Имено, неисчистениот оџак значи ризик од пожар, зголемена емисија на штетни гасови и до 20% поголема потрошувачка на енергија.

Од општината потсетуваат дека чистењето на оџаците е задолжително и согласно Правилникот за исправна состојба на оџаците, домаќинствата се обврзани да ги одржуваат оџаците два пати низ зимскиот период и еднаш, надвор од сезоната.