Општина Кисела Вода дел од „Ден на дрвото есен 2014“

Организирано, со автобуски превоз, од Расадник и пред Паркот на бранителите во Драчево, жителите на општина Кисела Вода, вработените во општината, учениците од погорните одделенија во основните училишта, средношколци и други заинтересирани граѓани, утринава тргнаа кон населеното место Миладиновци. Таму, на ридот над црквата Св. Илија, се одвиваше акцијата “Ден на дрвото– засади ја својата иднина“, која годинава се спроведува под мотото „Стоп на катастрофите“.

Се садеa даб и зимзелени дрвца кои треба да придонесат во обезбедување на здрава животна средина, да спречат ерозии и поголеми катастрофи.

Учениците од пониските одделенија, ја спроведоа акцијата во училишните дворови, а најмладите во градинките.

Свој удел во денешната акција даде и Цементарница Усје, компанијата која заедно со општина Кисела Вода пред само еден месец насади 5500 дрвца во населбата Припор.

Активностите околу „Денот на дрвото”, општина Кисела Вода ги започна уште минатата седмица, кога во сите училишта, градинки, месни и урбани заедници беа засадени 2500 зимзелени садници.

Акцијата „Денот на дрвото – засади ја својата иднина“ започна во 2007 година, како граѓанска иницијатива предводена од маестро Борис Трајанов, а нејзината реализација стартуваше следната година. Од тогаш, во акциите кои се организираат двапати годишно, напролет и наесен, се пошумени над 10.000 хектари и засадени се околу 50 милиони дрвца.

По повод „Ден на дрвото“, денешниот ден е неработен, а ќе се одработи на 13 декември.