Македонија

Општина Кисела Вода додели нови решенија за легализација

Општина Кисела Вода додели нови решенија за легализација

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ денеска додели нови решенија за легализација на дивоградби, со што бројот на легализирани објекти на оваа територија се искачи на 3.549.

-Денешниот ден на нови 50-тина семејства од општина Кисела Вода ќе им остане во трајно сеќавање. Денес, тие се стекнуваат со документ со кој стануваат реални сопственици на својот дивоизграден објект. Од денес, тие правно и легално располагаат со него. За општина Кисела Вода, пак, ова значи чекор напред во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа. Претставува можност за изготвување на нови детални урбанистички планови, од што повторно бенефит имаат жителите на општината и бизнис заедницата, бидејќи со нив им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките-истакна во своето обраќање градоначалникот Беличанец-Алексиќ.

Додаде дека бројот на поднесени барања без геодетски елаборат, пак, во овој момент, изнесува 3.460 и ги повика сите кои ја немаат докомплетирано документацијата тоа да го сторат и во најкус можен рок да го достават до административните служби за процесот на легализација да може да продолжи се до неговата финализација.