Општина Кисела Вода обезбеди бесплатно зимување за 10 деца

Десет дечиња со посебни потреби на 9 јануари ќе заминат на бесплатно седумдневно зимување, обезбедно од страна на општина Кисела Вода.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ  денеска во подрачното основно училиште „Кузман Јосифовски – Питу  им ги додели ваучерите на десете дечиња кои по Новогодишните и Божиќните празници ќе се рекреираат во Берово. Воедно претседателот на советот на општинта Кисела Вода, Трајче Донев им додели новогодишни пакетчиња на децата со посебни потреби.

Благодарение на домаќинското работење на кабинетот на градоначалникот на општината Кисела Вода, средствата кои беа предвидени за репрезентација на кабинетот, побарав на последната седница на советот на општина Кисела Вода да бидат пренаменети за децата со посебни потреби, односно глувонеми дечиња, кои се во редовна настава во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу” да заминат на бесплатно зимување, изјави Билјана Беличанец-Алексиќ.

Таа нагласи и дека општината Кисела Вода ќе биде во постојана комуникација со двете наставнички кои ќе ги придружуваат глувонемите дечиња, со цел да излезе во пресрет на сите нивни потреби, истакнувајќи дека и лично таа планира да ги посети за време на зимскиот распуст во Берово.

Дечињата ќе бидат смесетени во хотел со полн пансион, а за поквалитетно да го поминат овој зимски распуст, како што истакна градоначалничката Беличанец –Алексиќ, на овие дечиња им била доделена и топла облека и обувки.