Македонија

Општина Новаци пред нова опасност

Општина Новаци пред нова опасност

Пороен дожд од утрово повторно врне во пелагонискиот регион. Поплави пак им се закануваат на селата од општината Новаци. Жителите на општината, заедно со армијата и припадниците на спасувачките екипи цела ноќ ги појачуваа веќе поставените насипи за Црна Река да не го поплави целото село Новаци.

Од Скопје пристигнаа и пожарникари, а на терен е и Кризниот штаб.

Наредните 24 часа се клучни во борбата со поплавите пред се во Пелагонија, како и во кочанскиот и гевгелискиот крај. Прогнозите се дека ќе наврнат нови триесетина литри дожд на квадратен метар, но и нов снег на планините кој допрва ќе треба да се истопи.

Утрово беше одложено санирањето на патот Битола-Новаци, кој намерно беше откорнат за да се направи проток на водите на Црна да не одат кон селото Новаци туку кон полето. Од општината велат дека поправката на патот мора да се направи во најскоро време, бидејќи тоа е неопходно за жителите на околните села, како и за вработените на РЕК- Битола.

Дождот ги зголемува проблемите и во Логоварди. Жителите од ова село се борат со водата која им поплави и куќи и дворови и ниви.