Општина Охрид доделува бесплатни курсеви за 20 невработени охриѓани

Со цел  стимулирање на социјалната интеграција и побрзо вклучување на пазарот на трудот, општина Охрид  доделува  бесплатни курсеви за 20 невработени лица од Охрид за заварувачи, готвачи и машинисти- фини подесувачи на машини.

За таа намена од својот буџет општина Охрид  издвои 128.000 денари со што покажа дека во континуитет ја реализира  обемната  социјална политика. Изборот  на  струките и професиите за кои се наменети  курсевите  е определен по  претходно направено анкетно истражувања во 25 фирми во Охрид,  кои покажале дека најмногу потреба  имаат од горенаведените профили.

Бесплатни курсеви се доделуваат врз основа на конкурсот кој општина Охрид го распиша  денес и ќе  трае 10 дена. Тој е објавен  на ВЕБ страната на општина Охрид, www.ohrid.gov.mk.

– Право на пријавување за овие курсеви имаат лица кои се евидентирани  како невработени  а кои активно бараат работа, кои се социјални случаи или живеат во семејства со ниски месечни примања и истите се жители на Охрид. Притоа овие лица не смее да  посетуваат ист курс во друга институција или фирма. За секој курс  кој е во вредност од 8 000 денари,  општината има издвоено по 6. 400 денари  а  остатокот од трошокот ќе го покрие  ОУ ОГУ „Кузман Шапкарев“ .  Тоа значи дека по овој основ од својот буџет општина Охрид  издвои 128.000 денари.  Реализацијата на предвидените обуки е срочена во 50 односно 60 часови- истакна на денешната прес конференција градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Курсевите за заварувачи, шивачи и машинисти- фини подесувачи на машини за невработени лица ќе се одржуваат во ОУ ОГУ „Кузман Шапкарев“ Охрид а курсевите за готвачи ќе ги спроведува Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.