Општина Штип го гради патот до село Пухче – Годинава и населбата Чардаклија ќе добие улици

Општина Штип интензивно работи на изградба на патот до село Пухче. Дамнешната желба на жителите, кои со децении се оставени отсечени од градот е пред исполнување. Ова посебно доаѓа до израз кога стариот земјен пат е зафатен од поплави и силни врнежи и кога калта не дозволува пристап, пренесува „Старплус“ на ТВ Стар.

puhce4

Со поддршка на Македонската Влада преку кредит од Светската банка, во тек е реализација на патот до село Пухче, во должина од 3.3 километри. Во првата фаза, се прават најтешките 1.5 километри:

– Инвестицијата е во вредност од 9 милиони денари и ние се надеваме дека сите работи ќе бидат завршени во предвидениот рок. Ова е ветување кое општината го даде и го исполнува бидејќи остануваме на ставот дека покрај асфалтирањето на улиците во самиот град, средствата кои по разни основи или агенции и се нудат на Општина Штип со намена за развој на рурланите подрачја ќе бидат искроистени – изјави Тоше Горгиевски од општина Штип.

puhce5

Драган Ристов, советник за односи со јавност изјави дека општината веќе има подготвено и нови проекти:

– Годинава ќе се асфалтираат и улиците во приградската населба Чардаклија а веќе имаме подготвени три проекти и се чека објавување на повик за аплицирање преку Агенцијата за развој на руралните подрачја за да бидат поднесени. Проектите се однесуваат на асфалтирање на улиците во село Врсаково, пат од Долани до локалниот манастирот и пат до село Суво Грло. Секако се разработуваат и други проекти кои следните две години ќе бидат приоритетни кога се во прашање руралните подрачја – изјави за „старплус“ на ТВ Стар.

Пухче е село кое гравитира во Лакавичкиот регион и има голем број природни убавини. Жителите се задоволни од тоа што се гради пат и се надеваат дека со тоа ќе се вратат некои од соседите а и дека нивните внуци побезбедно ќе доаѓаат во посета.