Општина Штип отвора донаторска сметка за починатиот штипјанец во Шпанија

Според новинските извештаи, 33.годишниот штипјанец Сашо Коцев од Ново Село, во петокот загинал во сообраќајна несреќа во регионот Валенсија во Шпанија. Општина Штип се вклучи со директна поддршка на семејството на починатиот, со цел транспортирање на неговото тело во Штип, за што се потребни и логистички и финансиски средства.

Општина Штип направи итни чекори за отворање на донаторска телефонска линија преку операторот ВИП за донирање на средства кои се потребни за плаќање на трошоците за транспорт на Коцев. Општина Штип и градоначалникот Илчо Захариев ќе донираат 30.000 денари (500 евра).

За инцидентот прво беше известена Македонската Амбасада во Шпанија која контактираше со општинските власти.

Претставници на Општина Штип денес претпладне беа во посета на семејството со цел помош и поддршка во постапката за донесување на телото на починатиот кое е во Шпанија.

Од Амбасадата на Македонија во Шпанија се очекува испраќање на документ за финансиските трошоци кој е потребен за отворање на донаторската мобилна линија. Во меѓувреме, сите заинтересирани правни и физички лица, кои сакаат да донираат средства, можат да контактираат со Општина Штип, кабинет на градоначалникот за да се соберат што побргу овие потребни пари.

Општина Штип ја замолува јавноста и новинарите во овој момент да го почитуваат мирот на семејството кое го загуби синот, кое е скршено од болка и во овој момент не сака контакти со медиумите, заради што одлучи оваа постапка да оди преку локалната самоуправа.

Општина штип однапред им се заблагодарува на сите субјекти кои ќе се вклучат во акцијата за собирање на средствата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.