Општината Ѓорче Петров го прослави својот 69 роденден

Безброј манифестации со музички и спортски предзнак ја одбележаа годинешната прослава на 20 септември празникот на општината Ѓорче Петров.

Општинарите се потрудија и годинава програмата да изгледа сосема поинаку од минатогодишната. Уште на 16 септември, во Центарот за култура, почна прославувањето со најоригиналното детско фестивалче „Соната“ на кој беа изведени 11 нови песнички.

На сите екипи градоначалникот Митровски им подари дресови и топки за фудбал, ракомет, кошарка и одбојка. На традиционалната крводарителска акција се собраа 117 кеси од драгоцената течност. Започнаа завршните работи на локалниот пат Волково – Орман кој ќе биде широк 6 метри и тротоар од левата страна. Поставено е и улично осветлување. Ова е посебно важно за децата од ООУ „Јоаком Крчовски“. Во завршна фаза е и патот од Стопански двор кон с. Свиларе. Во употреба беше пуштена и улицата „Црногорска2“ на која присуствуваше и градоначалникот на Градот Скопје Коце Трајановски.

Претставата, посветена на животот и делото на големиот македонски револуционер Ѓорче Петров, а во која учество зедоа нашите познати актери Владо Дојчиновски, Љупчо Тодоровски, Мони Дамевски и Сашка Бошковска како и минатата година така и годинава остави најголем впечаток кај присутната публика. Се промовираше и најновата книга на проф.- д-р фолклорист г-дин Марко Китевски „Народната култура на територијата на општината Ѓорче Петров“.Прекрасна збирка на традиции, верувања и необјавени народни песни од селото Кучково и другите населени места во општината.