Општините да се подготват за нови врнежи

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески денеска апелираше општините да ги активираат  кризните штабови во пресрет на најавениот нов бран врнежи од утре попладне, а граѓаните и компаниите да помогнат на поплавеното население со донации  преку отворената сметка на Црвениот крст и со телефонски јавувања.

При посета на поплавените подрачја во Општина Новаци Јанакиески на средби со жителите разговараше за дополнителна помош и поддршка и најави дека ќе се донесат повеќе пумпи за да се извлече водата од дворовите.

Општините, според Јанакиески, треба да ги активираат кризните штабови и да се подготват за утрешниот ден бидејќи се очекуваат и до 30 литри дожд на метар квадратен кој ќе биде обилен.

– Треба да се подготват на истите територии како што беше и пред неколку денови. Во постојана координација сме и веднаш по повлекувањето на водата ќе сe врши дезинфекција и дезинсекција за да го заштитиме населението од заразни болести, изјави Јанакиески.

На останатиот дел од територијата на државава, додаде, состојбата се смирува, реките се повлекуваат, се намалува водостојот во браните, но важно е подготвени да го дочекаме утрешниот бран, а потоа ќе продолжиме со сите неопходни мерки што ги налага самата ситуација на терен.