Општина Центар поднесе три кривични за бесправно градење

Општина Центар до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе три кривични пријави за сторено кривично дело, бесправно градење.

„Една од програмските заложби на градоначалникот Саша Богдановиќ е и да не се дозволи незаконско градење на територијата на општина Центар“, велат од Општината.

Во текот на 2017-та година, по извршен инспекциски надзор од страна на овластен градежен инспектор на општина Центар и по извршен увид, на булварот “Никола Карев“ бб, констатирано е дека пријавениот Осман Буши без одобрение има изградено градба со димензии 15х20 метри. И покрај добиената наредба и изготвеното решение за отстранување на градбата, пријавениот одбива да го стори тоа, а бесправно изградената градба се уште е на истото место.

Кривична пријава за сторено кривично дело, бесправно градење, поднесена е и до Даут Азири, кој без одобрение за градење има изградено објект 10х10 метри на улица “171“ бр. 23; и против Риза Асани, за незаконски изграден објект со димензии 5,20х6,55 метри, на улица “171“ бр.31.

Општина Центар предлага ОЈО – Скопје да ги преземе сите дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба, по што против тројцата пријавени ќе спроведе кривично гонење за сторено кривично дело казниво по член 244а, став 1 од Кривичниот законик.