Општина Центар реконструира две градинки и доградува во ОУ „Гоце Делчев“

Децата од матичниот објект на градинката „Корчагин“, кој се наоѓа зад Градската болница, престојуваат во несоодветни услови, прозорци, занимални и креветчиња кои беа стари и дотраени.

По цели 43 години и неколку средби со надлежните и со родителите со градоначалникот Андреј Жерновски, одлучено е дека е потребна комплетна реконструкција на оваа градинка. Договореното се реализира и во завршна фаза е поставување на нова фасадна столарија. Сменети се 102 прозорци, поставени шест коморни прозорци кои се енергетски ефикасни, со четирисезонско стакло.

Заедно со новите 18 врати, градинката „Корчагин“, која е на површина од 1.923 м2, ги исполнува сите стандарди за енергетски ефикасен објект. Реконструкцијата на овој објект беше и избор на граѓаните на Центар, кои на Форумите на заедницата изгласаа да се обезбедат пари за оваа намена и дека ова е еден од проектите кој под итно треба да биде поддржан. Средствата се обезбедени со помош на Фондацијата Отворено Општество – Македонија.

И децата од градинката „Пепелашка“, која е сместена зад Црвениот крст и е на површина од 915 м2, ќе престојуваат во многу подобри услови. Во тек е изработка на проект за реконструкција на клонот на „Пепелашка“, со што ќе биде целосно реконструиран и ќе стане енергетски ефикасен. Ќе се менуваат вратите, прозорците, градинката ќе добие целосно нови занимални и помошни простории.

Куќата во која е сместена во оваа градинка била во сопственост на еврејско семејство, кое за време на депортацијата во Втората светска војна, ја оставиле како завет да се користи исклучиво за детска градинка.

Општина Центар продолжува со подобрување на условите за учење и престој на децата. Затоа, се чека одлуката на Советот на Град Скопје за ослободување од комуналии, за да почне доградба на основното училиште „Гоце Делчев“ за 500 м2.

Учениците ќе добијат четири нови училници, три помошни простории, а дел од реконструктивниот зафат е и поставување лифт за деца со инвалидност и пречки во развојот. Со реконструкцијата училиштето ќе има сутерен, приземје и два ката и многу подобри услови за квалитетно образование.