Општина Карпош бара темелна истрага за пожарот во Завод за урбанизам

Општина Карпош изрази жалење за денешниот пожар во којашто изгоре поранешниот Градски завод за урбанизам, кој е во стечај.

„Со ова заминува дел од историјата на Град Скопје, макети од значајни објекти, проекти и урбанистички планови. Симптоматично е што пожарот многу брзо се ширеше и затоа Општина Карпош бара од Министерството за внатрешни работи – Службата за противпожарна заштита да направи темелна истрага за причините за пожарот“, се наведува во соопштението.

Претходно во петокот избувна пожар во бараките кај СУГС „Здравко Цветковски“, спроти бензинската пумпа „Макпетрол“ на булеварот „Партизански одреди“. Засега нема информации од кои причини е избиен пожарот и што точно е зафатено од пламените.

Очевидци изјавија дека станува збор за објект до ГУЦ познат како Завод за архитектура и урбанизам.

Пожарот кај напуштените бараки кај СУГС „Здравко Цветковски“ на булеварот „Партизански одреди“ беше брзо ставен под контрола и нема повредени лица. Командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје Звонко Томески за МИА изјави дека пожарот е локализиран и оти не постои опасност да се прошири.

Интервенирано е со 30 пожарникари, а во гаснењето на пожарот помогнале и екипи на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

„Спречено е ширење на пожарот на останатите бараки. Нема повредени лица и пожарникари“, истакна Томески.

Со пожарот беа зафатени три напуштени бараки кои се наоѓаат во близина на булеварот „Партизански одреди“ во скопската населба Карпош.