Општина Карпош ги реставрира училишните бисти

Општина Карпош почна со реставрација на сите училишни бисти кои се наоѓаат  на нејзина територија.

Како што соопшти општина Карпош, постоечките училишни спомен-обележја, на територија на Карпош се стари околу 40 години, а некои од нив се дело на реномираните македонски скулптори, како што се Јордан Грабул, Боро Митриќески и Илија Аџиески.

Бистите ќе ги реставрира мајстор-скулпторот Сашо Попоски, со полимерни материјали и акрилати, со цел да се добие хомогена структура која ќе биде отпорна на надворешните влијанија.

Досега е санирана бистата со постаментот на македонската хероина Вера Циривири Трена, а во тек се подготвителните работи за обновување и на останатите скулптури.