Општина Кисела Вода свечено го отвори Три круши 2017 (ФОТО)

Со одличниот концерт на Наум Петрески и Зуица Лазова, во петокот вечерта Општина Кисела Вода свечено го отвори традиционалното културно лето Три Круши 2017.

Во присуство на градоначалниот на Град Скопје Коце Трајановски, секако, градоначалникот на општината Кисела Вода, советници од Советот од оваа локална самоуправа, бројни гости, започна дванаесетото издание на оваа манифестација која низ годините се изгради во препознатлив белег за селот Драчево и за целата општина.

Од сцената на Три круши, како верско-рекреативен комплекс, како средиште на духовната, но и световната култура на овие простори, благослов за здравје, среќа и благосостојба до присутните упати отец Гоце од црквата „Св. Спас“, по што следуваше едно прекрасно музичко доживување за целата публика.

Големите фолк ѕвезди Наум Петрески и Зуица Лазова преку својата моќна интерпретација на нивните најголеми хитови, бројните македонски народни песни кои се музички белег за овие простори, ја забавуваа публиката повеќе од час и половина. Од Три круши одекнуваа „Лична Јовано”, „Оди Ѕвездо”, „Лазарополе”, „За многу години Македонци”, „Капни солзо”…

Големи аплазузи доби и Гоце Пејковски, кој се претстави како гостин на концертот.
Концертот беше заокружен со спектакуларен огномет.

Културното лето Три круши 2017 кое ќе трае се до крајот на јули, и годинава ќе понуди богата програма. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во концертите на Миле Кузмановски, Дипломатик бенд, Ѓезме, Силви Бенд, Сара Мејс… И годинава целовечерен концерт ќе одржат и играорците од КУД „Китка“ од Драчево.

Заокружувањето на оваа манифестација ќе биде на крајот од јули со концертот на Сузана Спaсовска и бендот Академци.

Во сабота навече, со почеток во 20,30 часот на локацијата Три круши, што е редовен термин и локација за сите натамошни случувања во рамки на културното лето на Општина Кисела Вода, концерт ќе одржи етно составот Чалгија саунд систем.