Општина Охрид со најостра осуда за тврдењата на Кирацовски

Од општина Охрид испратија реакција во врска со прес-конференцијата на дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски.

Реакцијата ја пренесуваме во целост

Најостро ги осудуваме и ги отфрламе како апсолутно неточни, невистинити и тенденциозни наводите изнесени од страна на дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација г-дин Александар Кирацовски во врска со наводните притисоци кон општинската администрација во Охрид. Недозволиво и недопустливо е во јавноста да се изнесуваат паушални, непроверени и политички мотивирани изјави. Отворено се прашуваме дали денешниот манипулативен текст на Кирацовски единствено служи да преку замена на тези дека наводно некој врши притисок и уцени тој лично сака да изврши притисок врз нашата администрација?

Почитуван г-дин Кирацовски, очигледно Вашиот часовник е застанат во минатото односно пред март 2013 година кога Вашата политичка партија го водеше Охрид. Тогаш вработените од работното место брутално беа приморани да ги полнат партиските автобуси со цел да присуствуваат на Вашите партиски митинзи. Поради таквото Ваше однесување во тој период администрацијата чувствува трајни последици на страв во период кога се приближуваат избори. За потврда на ова слободно може да ги консултирате вработените во општина Охрид кои за волја на вистината во најголем дел се вработените во Ваше време. За среќа ваквото однесување ќе остане во минатото како еден грд споменик за угнетување на администрацијата од времето на минатата локална власт и никогаш повеќе нема да се повтори.

Нам воопшто не не’ зачудуваат ваквите изјави од дополнителниот заменик министер, бидејќи имавме претходни најави за правење на сценарио со „наводни изјави на вработени“ уште пред неколку денови. Во секој случај секој што смета дека на некој начин му се вршело притисок, слободно нека пријави, а ние ќе отпочнеме постапка предвидена со закон за санкционирање на одговорните, а непроверените и манипулативни информации ќе ги оставиме за оние кои истите ги користат само и исклучиво за постигнување на политички цели.

Оваа локална власт токму поради почитувањето на правата на вработените и респект кон секој административец е препознатлива во цела Македонија и екстремно се разликува од сите претходни постави на локалната самоуправа во Охрид.