Општина Штип додели признанија на здравствени работници

Претседателот на Советот на Општина Штип, Влатко Миташев, кој ги додели признанијата, меѓу другото нагласи дека е направен вистинскиот избор на здравствените работници.

– Д-р Стојан Ничев, доајен на штипското здравство, кој се смета за основач на анестезиологијата во Штип, потоа кардиолошката и неврохируршката единица, кои иако релативно млади одделенија, направија многу за пациентите, со помлада лекарска екипа која покажа голем ентузијазам и желба за работа, а со тоа и постигна важни успеси, рече Миташев.

Сашко Николов специјалист по кардиологија од кардиолошката единица во Клиничка болница-Штип информира  дека направиле интервенции на над 1000 пациенти.

– Околу 300 пациенти вративме во живот, а за над 200 не дозволивме да бидат во ситуација да бидат враќани во живот, што сметам дека е голем успех. Ние сме релативно млад тим, засега успешно се бориме со предизвиците. Секогаш има потреба од кадар и опрема, и мора да се каже дека веќе има најави за зголемување на тимот, една наша колешка е веќе на специјализација во Скопје, а има најава и за дополнување на бројот на вработени што ќе помогне во уште поуспешно справување со предизвиците, рече Николов.

Според Влатко Захариев специјалист по неврохиругија за само две години од постоењето на оваа одделение постигнати се солидни резултати.

– Направивме над 45 операции и сметам дека можеме уште повеќе, така што со годините ќе имаме се поголемо исксутво и секако можност за нови успеси, истакна Захариев.

Пензионираниот анестезиолог, д-р Стојан Ничев има 85 години и веќе 20 години е во пензија. Потсетувајќи се на минатото, споделувајќи впечатоци од неговата работа вели дека било многу тешко на почетокот.

– Мислам дека тоа беше во 1974, бев првиот анестезиолог во болницата. Сите операции одеа преку мене. Ми помагаше техничкиот персонал, бидејќи немаше кој друг. Беше навистина тешко, а уште потешко ако се знае дека така работев 10-12 години. Дури по една деценија, дојде уште еден колега па можевме малку да здивнеме. И ден денес се гледам со колегите, со помладите и на секој годишна прослава јас сум тука. Ми недостига анестезиологијата, деновите исполнети со работа, вели Ничев.