Општините Аеродром, Берово и Кривогаштани со помош за настраданите во поплавите

На денешната, 7.8.2016 година, вонредна седница на Советот на Општина Аеродром беше донесена одлука за донирање финансиска помош за санирање на последиците од елементарната незгода на подрачјето на Општина Гази Баба во висина од 3 милиони денари.

Ова е само дел од активностите што во текот на денешниот ден ги спроведе Општина Аеродром, по катастрофалното невреме што го зафати Скопје, при што имаше причинета материјална штета и на нејзината територија.

аеродром

Имено, екипа на Општина Аеродром, предводена од градоначалникот Ивица Коневски, излезе на терен на поплавените подрачја. Притоа, беше формирана комисија за утврдување на штетите настанати од поплавата на територијата на Општина Аеродром.

chento-poplavi-640x357

Исто така, екипи на Општина Аеродром почнаа да градат насип со вреќи со песок покрај Усјанскиот канал, кој се излеа во текот на невремето и поплави неколку околни куќи.

За санација на свлечиштето што се појави покрај булеварот „Трета македонска бригада“, пак, ставени се сите расположливи средства и е издадено решение до изведувачот да ги санира последиците, а екипи на ЈП „Водовод и канализација“ се на терен за отстранување на дефектот, така што се очекува до крај на денот двете згради кои останаа без вода да бидат повторно снабдени.

Општина Аеродром, исто така, ги отвори и основните училишта на нејзина територија за собирање хуманитарна помош за настраданите од поплавените подрачја, така што граѓаните ќе може да донираат хуманитарна помош секој ден од 08:00 до 22:00 часот, при што најнеопходни се флаширана вода и храна.

s3

Група беровчани иницираа собирање на хуманитарна помош за настраданите семејства. Собирниот пункт каде може да  донираат сите хумани граѓани она што им е најпотребно на настраданите ( вода, храна, средства за лична хигиена, средства за дезинфекција, ќебиња и облека ) ќе биде лоциран во центарот на Берово спроти црквата Рожденство на Пресвета Богородица, поточно пред туристичката агенција Зегин Турс.

За сите хуманитарни активности кои ги превземаат иницијаторите ќе бидат известени Црвениот Крст Берово и Општина Берово, а акцијата ќе започне утре, понеделник од 10 часот, објави сајтот ovaeberovo.mk.

poplava-640x360

Општина Кривогаштани денеска испрати возило со цистерна и две пумпи за црпење на вода, како и тројца луѓе од ТППЕ Кривогаштани и од Јавното претпријатие „Пелагонија“, како помош за настраданите населени места од поплавите во Скопје.

„Доколку има потреба општината и ЈКП „Пелагонија“ се подготвени да испратат дополнителни ресурси како во опрема така и во луѓе, согласно можностите и потребите. Исто така утре од 9 часот пред ТППЕ Кривогаштани ќе биде отворен пункт за донација, каде сите граѓани ќе можат да донираат за настраданите од скопско. Ги повикувам сите жители на општината да донираат според своите можности, и уште еднаш, како многу пати досега, да ја покажеме нашата хуманост“, изјави Тони Заткоски, градоначалник на Кривогаштани.