Оптимизам кај ракометарките пред дуелот со Италија

Женската ракометна репрезентација на Македонија во квалификациите за СП 2015 се наоѓа во група со Италија и Исланд од која само првопласираната селекција обезбедува пласман понатаму, а квалификациите ги почнуваме со утрешната пресметка во СРЦ Кале против Италијанките.

Во таборот на репрезентацијата владее општ оптимизам, а една од главните ракометарки во таборот на македонскиот национален тим се очекува да биде Зорица Десподовска, која заедно со Елена Георгиевска е предводник на нашата бековска линија.

„Од играчки аспект можам да кажам дека со претходните мечеви добивме огромно искуство, а како што ќе минува времето така нашите резултати ќе бидат се подобри. Сите гледаат на нас како на големи фаворити, но морам да кажам дека Италијанките исто така напредуваа во последните години. Во секој случај, квалитетот е на наша страна и верувам дека ќе стигнеме до победи на двата меча со овој ривал“ – истакна Десподовска.

Единствен проблем за селекторот Магдинчев претставува повредата на лигаментите на скочниот зглоб на Јована Саздовска, која нема да може да настапи на овој двомеч со Италијанките.