Орав го достави Извештајот на ЕК и до премиерот Груевски

Евроамбасадорот Аиво Орав попладнево на премиерот Никола Груевски му го достави Извештајот за напредокот на Република Македонија подготвен од Европската Комисијата.

По заедничката средба, Груевски истакна дека Република Македонија шеста година по ред ја добива препораката упатена до земјите членки дека е подготвена да ги започне преговорите за членство во Европската Унија.

-И покрај сите предизвици со кои се соочивме и се соочуваме на сите планови, сепак Комисијата одлучи дека Македонија заслужува нова препорака, со што потврдува дека нашата земја има достигнато ниво на реформи, односно е подготвена да почне пристапни преговори за полноправно членство во Европската Унија. И покрај извесноста од тоа што нè чека во Советот во декември, односно повторно неприфаќање на препораката од страна на Советот, како и изминатите пати досега, Комисијата остана доследна на својата политика и ние тоа го цениме. Овогодинешната шеста препорака по ред значи меѓу другото и показател за постоење на континуитет во исполнување на критериумите и постојано подобрување на процесите, истакна Груевски.

Премиерот додаде и дека препораката е уште еден доказ за неспорната волја за надминување на предизивиците и исполнување на стратешката цел за влез во Унијата.

-Ние шест пати по ред покажува напредок поради што државата ја добива и оваа препорака. На овој начин ние ја демонстрираме нашата цврста решеност за континуирано подобрување на состојбите, посочи Груевски.

Тој додае дека овогодинашниот извештај констатира задоволително исполнување на политичките критериуми, големо подобрување за економијата, како и прогрес во правосудството и јавната администрација, области на кои Владата била насочена во изминатиот период. Во идниот период Владата ќе се фокусира на продолжување на работата во однос на предизвиците во областа на политичкиот дијалог, медиумите, меѓуетничките едноси и самостојното функцонирање на институците.

Тој истакна дека и унаредувањето на добрососедските односи останува искрена и суштинска заложба на Македонија.

Евроамбасадорот Орав истакна дека политичкиот дијалог преставува загриженост за нив, но и за македонскиот премиер, притоа потенцирајќи дека дијалогот треба што поскоро да продолжи во Парламентот.

-Според Извештајот одговорноста за ова лежи кај двете страни и ние се надеваме дека политичкиот дијалог ќе продолжи и треба да продолжи во Парламентот и дека тоа ќе се случи колку што е можно поскоро. Покрај сите овие прашања, Комисијата предложи по шести пат да се започнат преговорите со вашата земја, нагласи Орав.

Претходно амбсадорот Орав, Извештајот од ЕК им го врачи на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, како и на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.