Орбан: Брисел ме напаѓа поради успешните политики

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во неделата за словачката телевизија TA3 изјави дека причината за тоа што го напаѓаат од Брисел е тоа што тој цврсто стои зад политиките на унгарската влада и на Вишеградската група кои се поуспешни од оние на западните членки на Европската унија.

„Некои од критиките не ми се упатени поради Унгарија, туку поради Вишеградската четворка“, изјавил унгарскиот премиер Виктор Орбан во дебатата со словачкиот колега Петер Пелегрини за споменатиот сојуз на централноевропските членки на ЕУ кој одлучи да го бојкотира мини-самитот кој се одржуваше викендов во Брисел, пренесува агенцијата MTI.

„Нѐ напаѓаат бидејќи сме успешни. Да не заборавиме дека постои и конкуренција во Европската унија“, додал Орбан заклучувајќи дека некои се погодени од „брзото напредување на централна Европа“.

Унгарскиот челник смета дека западот на Европа треба да прифати дека земјите од Вишеградската група се во моментов моторот на растот на економијата на ЕУ.

Пелегрини истакнал дека времето го оправдало решението на Вишеградската четворка по прашањето на имиграцијата, како и дека „западна Европа конечно се разбуди и започна да ги применува“.

Двајцата премиери ја нагласиле важноста на одбрана на надворешните граници на Шенген зоната, се согласиле дека враќањето на внатрешните гранични контроли не е пад за напредокот за Европа и нагласиле дека државите членки а не админситрацијата во Брисел треба да одлучуваат кого ќе го пуштат на своајта територија.

Ден откако францускиот претседател Емануел Макрон го поддржа воведувањето финансиски санкции против оние држави кои не сакаат да примат имигранти, односно на европските структурни фондови да им се дадат услови кои би гарантирале дека примателите на тие средства ќе го преземат дел од азилантите според квотите кои ги одреди Брисел, Орбан порача дека тие пари не се „еднонасочна улица“ и дека западните држави „сѐ уште повеќе профитираа од економските успеси на централна Европа“.