Орбан го обвини Брисел за саботирање на „Јужен тек“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска го обвини Брисел дека го саботира проектот „Јужен поток“, што е поддржан од Русија, пренесе МИА повикувајќи се на британските медиуми.

Орбан се обидува да обезбеди испораки на енергија и трговски погодности за Унгарија преку зделки со Москва, но тоа предизвикува критики од западните влади, според кои, тој не треба да се зближува со Русија, кога таа испраќа војска во Украина.

Неговите критичари наведуваат дека одлуката на Москва за откажување од „Јужен поток“, што Путин неделава ја соопшти во Истанбул,  е неуспех за Орбан, иако тој и не е толку тежок за да претставува закана за неговото владеење.

-ЕУ вложува огромни напори за да ја поткопа оваа програма, изјави Орбан во радио интервју.

Според него, Унгарија истражува и други можности за обезбедување на испораки на гас, вклучувајќи и гас од Азербејџан.

Руската одлука за „Јужен поток“, гасовод што требаше да минува под Црно Море, а потоа на север преку централна Европа, унгарската Влада ја најде наполно неподготвена.

Унгарската пратеничка Бернадет Сел, од опозициската партија „Политиката може да биде различна“, изјави дека напуштањето на проектот покажува дека Орбан дозволи грешка со тоа што се залагаше за врски со рускиот претседател Владимир Путин.

-Виктор Орбан прави се за да изгради добри односи со Путин, пренебрегнувајќи ги сите принципи, разумни образложенија и заеднички интереси со нашите сојузници, рече таа. „Но, кога неговите интереси го наложија тоа Путин веднаш се откажа од овој проект“, изјави Сел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.