вторник, 25 април 2017  |  Вести денес: 31

Орбан го обвини Сорос за поттикнување на илегалната миграција

Унгарскиот претседател Јанош Адер во понеделникот го потпиша законот со кој за странските универзитети се поставуваат нови услови, меѓу кои е и да имаат кампус во матичните земји, по што Централноевропскиот универзитет (CEU) би можело да биде затворен

soros ceu

Поврзани вести

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервјуто а Magyar Idok го обвини американскиот финансиски шпекулант од еврејско-унгарско потекло Џорџ Сорос дека ја поттикнува илегалната миграција во Европа, и истовремено ја образложи мерката на неговата влада со којашто е загрозена работата на странските универзитети, меѓу кои и на приватниот Централноевропски универзитет во Будимпешта кој го основаше токму Сорос.

„Сето тоа постојано се врти околу Џорџ Сорос, активностите се сокриени од јавноста, а имајќи ги предвид соросовите унгарски организации, тој ја поддржува илегалната имиграција“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој го обвини американскиот магнат дека финансира „неброени организации коишто се претставуваат како граѓански здруженија“, како и дека владее со цела мрежа којашто ја сочинуваат нивни портпароли, медиуми, соработници и сопствен универзитет. Орбан порача дека смета оти Унгарија ќе мора да се одбрани од таквите и ќе им се спротистави.

Унгарскиот претседател Јанош Адер во понеделникот го потпиша законот со кој за странските универзитети се поставуваат нови услови, меѓу кои е и да имаат кампус во матичните земји, по што Централноевропскиот универзитет (CEU) би можело да биде затворен. Овој потег наиде на протести кои се одржуваат речиси секојдневно, па така и во саботата, а дојдоа и критики од странство.

Минатата седмица унгарскиот парламент по итна постапка го изгласа законот од кој загрозен се чувствува универзитетот кој во 1991 година го основаше Џорџ Сорос. Таквиот контекст се повторува последните месеци, откако унгарската влада Сорос почна да го напаѓа како најголем непријател на Унгарија.

Аргументите на оние кои го бранат CEU се дека на овој универзитет досега минале илјадници студенти од стотина земји и оти наводно се смета а еден од 50-те најдобри во светот, кога станува збор за политичките науки.

Покрај законот за универзитетите, унгарската влада подготвува и закон за регулација на невладините здруженија коишто се финансираат од странски извори. Според нацрт законот, секое здружение или невладина организација којашто од странство ќе прими повеќе од 7,2 милиони форинти, малку повеќе од 23.000 евра, ќе мора да бидат запишани во нов регистар.

Сите организации запишани во регистарот на здруженија од странство ќе мора да се идентификуваат како такви во секое соопштение за јавноста, во секој флаер, на интернет страниците или во извештаите коишто ќе ги составуваат. Во спротивно, им се заканува забрана за дејствување.

Најчитани вести