Орданоски со силна поддршка за „Чуварите на демократијата“

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Ордановски денеска даде силна поддршка на граѓаните кои кампуваат пред Собранието на Република Македонија.

-Да им кажам дека јас лично сум на нивниот пат и ги подржувам. Македонија е на патот во кој што нашиот кредибилитет и авторитет во европски рамки е многу поголем од тој што беше пред десетина години. Јас како потпретседател на Европското регулаторно тело 2014 година, успеав заедно со својот тим да го наметнам нашиот регулатор во рамките на европските регулатори, да бидеме потпретседатели, да бидеме втори во тој борд на директори. Значи, само со верба во сопствените сили, со знаење, самодоверба, сметам дека ние сите заедно и Македонија ќе ја внесеме во сите меѓународни институции, не само како членови, туку и како почитувани актери, активни учесници во сите дејствувања во Европа и светот, рече Орданоски.

Во областа на електронските комуникации, додаде Орданоски, веќе сме во модерна ера, веќе сме сите корисници на најновите технологии, сите можеме да го користиме интернетот, четвртата генерација мобилна телефонија…

-Ние сме меѓу први во Европа и први во регионот- први воведовме 4 Г технологија, први во регионот го дигитализиравме радио-дифузниот простор пред две години. Значи во областа на електронските комуникации Македонија е лидер во Југоисточна Европа. Тоа се потврди и на Конференцијата пред две недели во Охрид. Тоа го постигнавме со верба во сопствените сили, без ничија надворешна поддршка, ние сами македонските експерти докажавме дека Македонецот со големо М, може кога сака да постигне многу и го постигнува во сите полиња на своето делување.

Потсети дека во моментов имаме 4 мобилни и 9 фиксни оператори за разлика од минатото кога имаше монопол со 1 мобилен оператор.

-Паралелно со таа либерализација цените драстично паднаа, изминативе 3 години се намалија за 70 отсто. Нашите регулаторни мерки постигнаа сите граѓани на Македонија да може да ги користат мобилните телефони многу поопуштено од порано. Уште еднаш да потсетам дека, се што постигнавме постигнавме сами. Нашиот македонски ум и труд, нашето македонско залагање и самодоверба, нашата македонска истрајност и верба и тимска работа, допринесоа да ги постигнеме овие одлични резултати. Ги повикувам сите во Македонија, цврсто со сите овие постулати да се бориме да постигнеме една заедничка подобра Македонија, мислам дека сме на одличен пат, подвлече директорот на АЕК.