Ордановски: Албанската платформа нема ништо спорно за СДСМ да направи Влада со ДУИ

Аналитичарот на СДСМ Сашо Ордановски вчера во емисијата Топ Тема на телевизија Телма отворено говореше дека нема ништо спорно во тоа СДСМ да ја прифати Платформата потпишана од албанските партии.

-Содржината на платформата која јас се обидувам да не ја коментирам е направена таква да биде неприфатлива за ВМРО односно да ВМРО има доволно отстапка и оправдување заради тоа што ќе оди во опозицијата. Истовремено таму нема речиси ништо спорно за СДСМ да направи Влада со ДУИ. На крајот ќе си го добие мандатот втората по големина партија во Собранието, таа ќе и пристапи на ДУИ, бидејќи таква е математиката, ќе се побара поддршка и од другите. Веќе се усогласуваат ставовите, гледатет како веќе се кристализира гламурозната платформа, се распадна се сведе на четири-пет применливи точки. Нема ништо спорно во тие точки без разлика на драмите што се обидуваат да ги прават, вели Ордановски.

Тој не е првиот аналитичар на СДСМ кој има ваков пристап. Претходно и Бранко Тричковски и Бранко Героски излегоа со слични позииции тврдејќи дека Албанците биле премногу меки и несуштински во нивните барања кои стојат во Платформата.

И додека СДСМ официјално молчи, а преку свои аналитичари се нуди на ДУИ прифаќајќи ги понудите до запирка, ВМРО-ДПМНЕ излезе со јасен став дека императив претставува почитувањето на волјата на народот и со тоа формирањето на влада, но не по секоја цена.

Сепак, за разлика од аналитичарите блиски до СДСМ, останатите многу пореално ја согледуваат ситуацијата.

Берат Бужала кој е сопственик на еден од најчитаните косовски портали кој смета дека се врши огромен медиумски притисок за постизборен инженеринг кој пак има за цел да ја изигра волјата на мнозинството граѓани со што би се предизивикале дополнителни проблеми и тензии во земјава. Тој дури ја споредува ситуацијата со демонтирање на бомба која може да експлодира доколку се погоди погрешната жица.

-Кога се веќе поминати неколку недели од денот на изборите, сè уште нема политичка јасност. Тоа што е очигледно е тенденцијата за непочитување на гласот на Македонците и оној на Албанците што гласаа за ВМРО и ДУИ. Се обидуваат да направат еден пуч против партијата која очигледно беше најгласана од Македонците, односно против ВМРО и нејзиниот шеф, Никола Груевски, пишува Бужала.

Тој анализира дека евентуалното коалицирање на Али Ахмети со Зоран Заев ќе значи штета за сите.

berat-buzhala

-Ја има наведнато главата, како губитник, пред тие кои им ги зедоа гласовите. Ова не е единствената грешка. Формирањето на коалиција помеѓу ДУИ и СДСМ , ќе ја доведеше  државата на непознати простории дотогаш. Ова ќе беше прв пат на таков неискрен начин да се згази волјата на мнозинството од Македонците. Секако дека авторот на оваа колумна, крајните месеци имаше симпатии за СДСМ, Заев и Едмонд Адеми. Но, политичката реалност оди подалеку од симпатиите. СДСМ, покрај сите обиди, покрај сите шеми, не успеа да биде на еднакво ниво со историскиот противник. Им зедоа илјадници гласови на Албанците, но не успееја. Така да оваа шема треба да се затвори со тоа. Напишаните планови на лист не треба по секоја цена да се реализираат. Убавите соништа треба да останат само такви. Ќе има повторно гласање. Ако сите беа заедно против Груевски, во овој случај сите Албанци, тогаш неговата сила кај мнозиството на заедницата, Македонците, ке имаше голем пораст. Кога и да се одржат избори, тој ќе победи уверливо. Неговиот пораз преку шеми, ќе се гледаше од страна на Македонците како пуч. Ќе се кршеа политичките правила. Тој само ќе добиеше повеќе сила, вели во својата колумна Бужала.

За разлика од медиумскиот притисок кој оркестрирано се врши преку сатанизирање на ВМРО-ДПМНЕ меѓу Албанците, Бужала смета дека изминативе 10 години е сторено многу во подобрување на статусот на Албанците во Македонија.
-Јас не знам дали е повеќе антиалбанска партија ВМРО или СДСМ, но знам дека овие последни 10 години Македонија беше наш сојузник на меѓународната сцена. Сакам да додадам уште нешто: Секогаш која ја поминувам границата во Хани Елезит, на македонската страна граничните полицајци ми зборуваат на албански. Ова го немаше порано. Знам и друго нешто: Во државната администрација на ова држава се вработени околу 30.000 Албанци. За крај: Овој договор меѓу ДУИ и ВМРО е политички договор, не е доживотен. Во секој момент штом не се исполнуваат условите од договорот, тој може да се прекине. Во договорот треба да вклучат партиите кои добија мнозиство гласови од двете етнички популации во Македонија. Другиот дел потоа е пропаганда, невладина организација, непотребен морал. Ова е еден голем крстопат за Али Ахмети. Тој е многу поголем отколку во времето кога носеше униформа на себе. Тој не треба да се плаши, смета Бужала.

Уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас, пак, во својата најнова колумна анализира дека наспроти рационалните и логички одлуки кои треба да ги донесе ДУИ, клановската поделеност во партијата има огромно влијание врз двоумењето за идно коалицирање.

– Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се силна партиска машина и доминантна политичка сила и на власт, и кога би биле во опозиција. Не е тешко да се претпостави колку гласови би добиле за ВМРО-ДПМНЕ на првите наредни избори ако ВМРО премине во опозиција, а СДСМ како проалбанска, и три албански партии плус во коалиција, донесат закони и мерки на штета на Македонците и на уставниот поредок. Тоа би бил хаос и гнев кај Македонците кој, без сомневање, би експлодирал со поддршка за Груевски како никогаш порано.
Затоа, прва опција е коалиција на ДУИ со ВМРО, втора вонредни избори заедно со локалните кои би биле одложени за некој период, а дури трета опција за Ахмети е самоуништувачката варијанта – коалиција на СДСМ со ДУИ. Се што бара ДУИ и ветува Ахмети е уставна категорија со потребни две третини мнозинство во парламентот, а тоа зависи од Груевски и ВМРО. СДСМ не може ништо, ама баш ништо да даде од она што Ахмети го бара. Тогаш, и нема многу дилеми околу одлуката што следи наскоро. Што и да биде, ќе биде вонредно, пишува Латас во најновата колумна „Вонредно“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.