Орден за заслуги за Македонија за НБРМ

Народната банка на Република Македонија е еден од столбовите на функционалната и компетитивна македонска пазарна економија. Во своето седумдецениско постоење и делување таа мина бројни предизвици ја оправда довербата на граѓаните. Поради сето тоа, како претседател на Република Македонија, чест ми е да ѝ се заблагодарам на Народната банка со Орден за заслуги за Македонија.

Ова го истакна претседателот на државата Ѓорге Иванов на свеченоста вечерва на која го додели Орденот за заслуги на Македонија на Народната банка на Република Македонија.

– Овој орден е признание за сите поединци кои се вклучиле во градењето и во развојот на Народната банка во изминатите 70 години, а со тоа и на македонската економија. Но, истовремено, овој орден претставува и обврска. Народната банка треба да продолжи, како и досега, да спроведува мудра, домаќинска и независна монетарна политика што ќе ги следи државните интереси. Да продолжи да биде столб на макроекономската стабилност на независна и суверена Република Македонија. Со транспарентна политика, да биде гарант на основната улога на финансискиот сектор. А тоа е да ја поддржува реалната економија, да создава услови за нови работни места, стоки и услуги што ќе ги задоволуваат реалните потреби на граѓаните. И со тоа, да придонесе за просперитет, благосостојба и напредок за македонските граѓани, македонската економија и македонската држава, рече претседателот Иванов.

Конечно, овој орден, додаде шефот на државата, е и израз на желба за остварување на сонот за членство во ЕУ.

– Македонскиот денар денес е една од 164-те валути што циркулираат во светот. Како суверена држава, ние се гордееме со денарот. Сепак, не би ни пречело ако еден ден македонскиот денар се претопи во европската валута ‒ еврото. И со тоа целосно да се оствари сонот за рамноправно членство на Република Македонија во Европската Унија. Да бидеме дел од единствениот европски пазар. Посакувам тоа да се постигне до наредниот голем јубилеј, кога ќе славиме 80 години од македонското централно банкарство, рече Иванов.

Гувернерот на НБРМ Димитар Богов изрази задоволство што токму во неговиот мандат Народната банка е одликувана со ова високо одличје, кое нагласи, го смета за признание на сите заслужни личности што се вградиле во нејзиниот досегашен развој.

– Ова одлуквање е големо признание за целокупната досегашна работа на Народната банка. Тоа е силна потврда за капиталниот придонес што Банката со децении наназад го остварува за државата како носечка институција на монетарниот поредок и клучен стожер на макроекономската стабилност, рече Богов.

Тој посочи дека во изминтите 70 години Народната Банка помина низ различни фази на трансфорамција и еволутивен развој, а со конституирањето на независна Македонија и прогласувањето на монетарната самостојност, таа дефинитивно се конституира како институција носител на сите функции на една современа централна банка.

– Денес со гордост можам да кажам дека НР израсна во модерна и високо професионална институција со изграден кредибилитет кај домашната јавност и почитувана и призната во меѓународни рамки. Народната банка веќе 20 години успешно ја одржува ценовната стабилност во македонската економија преку одржување стабилен девизен курс. Стапката на инфлација во изминатите 20 години изнесува во просек околу 2 проценти што е ниво вообичаено за развиените економии и не вбројува меѓу најуспешните земји во транзиција. Успешно се одржува и финансиската стабилност преку промовирање здрав стабилен и конкурентен банкарски систем кој што успшешно им пркоси на предизициците и испорачува здрав кредитен раст. Со оставрувањето на овие две цели НБ остварува најдобри услови за економски раст и со тоа му служи на развојот на македонското општество, нагласи гувернерот Богов.

На свеченоста во просториите на НБРМ присуствуваа претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и бројни гости.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.