Органското производство: Mожност за нови работни места

Органското производство: Mожност за нови работни места
Органското производство: Mожност за нови работни места

Производителите на органски производи оваа година организирано се претставуваат на Агрофуд 2015.

Беорг, Наша Добра Земја, Тера Органика, Биона, БиоКулт, Екогрин, Биофлор, Процерт, Балкан Биоцерт, Липа и Федерацијата на органски производители во Македонија, потпомогнати од IME (Increasing Market Employability) програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка, заеднички ќе ги претстават своите производи и бизнис приказни во посебен дел во кој акцентот ќе биде ставен на производството на здрава храна.

Органското земјоделство е важно за развојот на руралната економија и има огромен потенцијал за вработување на млади и прогресивни фармери. Токму затоа, IME програмата чијашто основна цел е да овозможи системски промени кои ќе доведат до поголеми можности за вработување, направи напори оваа година организирано да ги вклучи органските производители на саемот за широка потрошувачка Агрофуд 2015.

На сите присутни посетители и потенцијални заинтересирани бизнис партнери за органско производство, ќе им се претстават можности за соработка со компаниите кои ќе се претстават на саемот, а ќе се одржат и панел дискусии за придобивките од органските производи, како и за различните бизнис модели и пристап до финансии за сите кои се заинтересирани да започнат свој бизнис во овој сегмент. На саемот со поддршка од IME ќе присуствува и Швајцарската компанија за производство на органско семе Sativa, со цел да направи анализа за можноста за партнерство и поддршка на локално производство на органско семе.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од  водечкиот партнер Swisscontact,  во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус. Целта на програмата е повеќе работоспособни мажи и жени, особено младите, да бидат ангажирани во одржливо, пристојно вработување или само-вработување и/или заработуваат повисоки примања. Очекуваните клучни резултати од програмата се, во период од 4 години, да се создадат повеќе од 2.000 работни места (директни или индиректни) и да се зголеми нето приходот на повеќе од 1.000 млади и средни претпријатија  за 1.5 милиони евра .