Оскаровецот Тановиќ влегува во изборната трка во БиХ

Филмскиот режисер награден со Оскар, Данис Тановиќ, активно ќе се вклучи во политиката и ќе настапи како кандидат на октомвриските избори во Босна и Херцеговина на листата на Напа партија (NS), пренесуваат во саботата тамошните медиуми додавајќи дека оваа партија според сѐ судејќи ќе истакне и кандидат за член на Претседателството на БиХ, веројатно од редот на хрватската заедница.

Актуелниот претседател NS, Пеџа Којовиќ најави во интервјуто за сараевската комерцијална телевизија Face TV дека партијата најверојатно ќе има свој кандидат за член на Претседателството на БиХ, но не сакаше да го спомене неговото име, туку рече дека станува збор за личност која студирала на престижниот универзитет Харвард и која е во состојба да понуди и реализира визија на сосема поинаква БиХ отколку што е денес, оптоварена со проблеми, судири и заостанувања во секоја сфера.

„Станува збор за извонреден Босанец и Херцеговец, човек кој БиХ ќе ја доведе до центарот на европските институции и во Париз и во Лондон и во Белата куќа“, рече Којовиќ додавајќи само дека станува збор за личност со долгогодишно искуство во работата во структурите на Обединетите нации.

Порталите Klix и Slobodna Bosna пишуваат дека описот којшто го даде Којовиќ за потенцијален кандидат на неговата партија за член на Претседателството на БиХ, одговара на Борис или Бориша Фалатар, роден сараевчанец кој моментално живее во Париз и работел токму во ОН, односно во УНЕСКО. Фалатар, наводно, бил ангажиран и во претседателската кампања на актуелниот француски претседател Емануел Макрон.

За него постои податокот дека во војната во БиХ бил тинејџер, дел од образованието го завршил во Хрватска, а потоа се отселил во САД каде што студирал. Студирал и на престижното лондонско School of Economics како и на American University во Париз, а во УНЕСКО работел од 2011 година на проекти за одговори на кризни ситуации во држави како Ирак и Сирија.

Данис Тановиќ, пак, које режисер кој ја доби престижната награда Оскар за филмот „Ничија земја“, и наводно не бил заинтересиран да се вклучи во трката за државниот врв, но најверојатно ќе биде носител на листата на NS за Претставничкиот дом на парламентот на БиХ.

Тановиќ всушност е основач на Наша партија, којашто на изборите првпат се појави во 2008 година, но нејзиното водење им го препушти на другите, а Којовиќ појасни дека мотивот за неговото повторно политичко ангажирање е желбата за борба против национализмот и корупцијата, како и за реформирање на БиХ како земја без ентитети.

Сараевските медиуми истакнуваат и дека оваа партија во секој следен изборен циклус забележувала сѐ подобри резултати, особено привлекувајќи ги гласовите на помладите и образовани избирачи, но сепак досега не успеа да освои ниту еден мандат во телата на законодавна власт на државно ниво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.