Ослабената британска влада ги започнува преговорите за излез од ЕУ

© AFP 2017 / Oli Scarff

Една година по референдумот на кој британските гласачи со тесно мнозинство одлучија Обединетото Кралство да ја напушти Европската унија, во понеделникот започнуваат преговорите за истапувањето во тешки услови за британската премиерка Тереза Меј, ослабена со резултатите од предвремените парламентарни избори кои самата ги издејствува и критиките за нејзината реакција на смртоносниот пожар во лондонскиот станбен комплекс Гренфил.

Британскиот министер за излегувањето од ЕУ, Дејвид Дејвис ќе се сретне во Брисел со главниот европски преговарач Мајкл Барние за да започнат преговорите со коишто по 44 година Велика Британија ќе ги прекине врските со ЕУ. На првиот преговарачки состанок на политичко ниво, главни теми ќе бидат правата на граѓаните на земјите членки на ЕУ во Велика Британија и на британските државјани во Унијата, финансискиот договор и режимот на единствената копнена граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска.

Основното начело на преговорите, на коишто ќе инсистира Брисел, ќе биде постапниот пристап, што значи прво да се постигне договор за основните прашања за раздружувањето, а потоа да се разговара за идните односи. Лондон испрати официјално известување за намерата да ја напушти ЕУ на 29 март и од тогаш тече двегодишниот рок во кој преговорите треба да завршат.

Во ЕУ предвидуваат дека меѓу октомври и декември годинава би можело да се постигне начелен договор за раздружувањето, што би овозможило почнување на преговорите за идните односи. До октомври следната година би требало целосно да се усогласи договорот за разидувањето и во тој случај би останале уште пет месеци за негова ратификација во членки на ЕУ и во Велика Британија. Меѓутоа, многумина се сомневаат дека е можно во толку кус рок да бидат завршени преговорите.

Неколку дена откако францускиот претседател Емануел Макрон напомна дека Лондон сѐ уште може да избере да остане во ЕУ, Дејвиз изјави дека нема отстапување од планот на премиерката Меј да го спроведе излегувањето, согласно волјата на 52 отсто од гласачите кои така одлучија на референдумот од 23 јуни 2016 година, предизвикувајќи запрепастување во европските престолнини и политички потрес кој сѐ уште се чувствува.

„На пат за Брисел за да ги отворам официјалните преговори за напуштањето на ЕУ, сомневања нема – ние ја напуштаме Европската унија и го спроведуваме резултатот од тој историски референдум“, порача Дејвис.

„Заминувањето ни дава можност да ја исковаме новата блескава иднина за Обединетото Кралство, онаа во којашто ќе бидеме слободни да ги контролираме нашите граници, да носиме наши закони и да го правиме она што го прават суверените земји“, истакна Дејвис.

Премиерката Меј, која е под силен притисок по губењето на апсолутното мнозинство во парламентот и нејзините бавни реакции на пожарот во Лондон во кој загинаа најмалку 58 луѓе, тврди дека сака чисто разидивање со ЕУ, стратегија којашто некои во нејзината Конзервативна партија тврдат дека може да претставува ризик за економскиот раст на земјата.

Дејвис, кој на референдумот беше дел од таборот кој заговараше излегување, изјави дека на преговорите им пристапува на „конструктивен начин“, знаејќи притоа дека „повремено ќе бидат тешки“. „Не ѝ вртиме грб на Европа. Клучно е договорот што ќе го склучиме да овозможи напредок и на Обединетото Кралство и на Европската унија, како и дел од длабокото и специјално партнерство со нашите најблиски сојузници и пријатели“, порача Дејвис.

Британија би требало да ја напушти ЕУ кон крајот на март 2019 година, а поради преговорите владата во саботата објави дека заседавањето на парламентот вонредно ќе трае две години, ане како што е вообичаено една година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.