Ослободени 19 христијани во Сирија

Исламска држава вчера ослободи 19 христијани од групата од повеќе од 220 лица, кои биле киднапирани минатата недела во села североисточна Сирија.

Башир Саеди кој е претставник на Демократската организација на Асирците, изјавил дека три жени и 16 мажи пристигнале во црквата во Хасака, град во близина на нападнатите села. Тој истакна дека тие биле киднапирани додека патувале со автобус од градот Шададех до Хасака.

Веста за ослободувањето на 19 христијани ја потврдиле и Мрежата за човекови права на Асирците, со седиште во Шведска. Мрежата тврди дека тие се ослободени откако дале неодредена сума пари, како данок што им се наплаќа на немуслиманите.

Се уште непозната е судбината на над 200 киднапирани христијани, а се претпоставува дека поголемиот број од нив се во Шададех, 50 јужно од Хасака.