Ослободени четворицата заложници од полициската станица во Ереван

Вооружените опозиционери, кои ја зазедоа зградата на полициската управа во Ереван, ги ослободија последните четворица заложници, кои во неа ги држеа приближно една недела, јави ТАСС, повикувајќи се на извори од ерменските безбедносни сили.

Првично грабнувачите ослободија двајца полицајци и изразија подготвеност да ги пуштат и другите двајца заложници – заменик началникот на ерменската полиција, генерал-мајор Вартан Егиазарјан, и заменик началникот на управата на полицијата во Ереван, полковник Валериј Осипјан, доколку властите им обезбедат пристап до медиумите.

На 17 јули утрината група вооружени мажи, поврзана со опозицискиот лидер Жираир Сефилјан, упаднаа во базата на полкот на патролната служба на ерменската полиција и внатрешните војски во главниот град Ереван. Притоа, тие убија еден полицаец и осуммина зедоа за заложници, од кои четворица беа ослободени во текот на следните денови.

Напаѓачите бараат ослободување од затвор на лидерот на радикалната опозиција Жираир Сефалјан, оставка од ерменскиот претседател Серж Саркисјан и формирање нова влада.