Ослободителната пресуда за возач од Македонија ја крена на нозе Шведска

Незадоволни шведски возачи од денеска секој ден до Божик ќе ги паркираат своите камиони по 15 минути на страничната трака на автопатиштата, изразувајќи на таков начин протест против ослободителната пресуда за возач од Македонија во Општинскиот суд во Сундсвал, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Во средата Општинскиот суд во Сундсвал изрече ослободителна пресуда за еден 44-годишен македонски возач на тешки товарни возила, кој во октомври годинава беше уапсен со фалсификувана бугарска возачка дозвола и фалсификувана бугарска патна исправа.

Преку 100 лица имаат поднесено жалба против пресудата, а околу 4.200 возачи досега се потпишале на протестното писмо кое под наслов „Еднакви услови за шведските транспортни претпријатија“ е испратено до надлежните институции.

Се бараат еднакви услови и правила за сите кои возат во Шведска, независно од државјанството на возачите.

– Сакаме да покажеме дека се грижиме за безбедноста во сообраќајот. Исто така, сакаме да и покажеме на полицијата дека се надеваме оти ќе им бидат овозможени посилни алатки во законот при извршувањето на нивната работа – вели за весникот „Сундсвалс тиднинг“ еден од учесниците во протестите, Кенет Јактлунд, возач од Умео.

Полицијата утврдила дека матичните броеви во документите на уапсениот македонски возач припаѓаат на различни лица, а едновремено не постои бугарски државјанин со името и датумот на раѓање на македонскиот возач.

При сослушувањето 44-годишниот возач од Македонија навел дека поседува важечка македонска дозвола за управување со тешки товарни возила, но дека ја предал кај надлежниот орган при добивањето на бугарски документи. Возачот кај себе имал и дозвола за транспорт на опасни стоки издадена од институција во Македонија.

Освен бугарски документи, возачот имал и македонски пасош кај себе, кој бил користен за влез во Шведска. Тој работел за транспортна фирма регистрирана во јужна Шведска и во моментот кога бил запрен од полицијата возел камион со шведски регистарски таблички.

Според податоци во шведските медиуми, не станува збор за изолиран случај. Моментно во Шведска се води истрага против повеќе слични случаи откриени во сообраќајот. Кон крајот на септември во Вестерос беше запрен друг македонски возач со фалсификувани бугарски документи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.