Македонија

Ослободувањето на Вранишковски – топ тема во српските медиуми

Ослободувањето на Вранишковски – топ тема во српските медиуми

Конечно: Владиката Јован слободен по три години затвор, Јован слободен на Богојавление, Ослободен епископот Враничковски, На Богојавление: Владиката Јован наскоро на слобода… Ова се само дел од насловите во српските медиуми кои масовно пишуваат за одлуката за условно ослободување на Јован Вранишковски.

„Јован Вранишковски, архиепискот охридски и митрополит на скопската Српска православна црква, кој се наоѓа во затвор од 2011 година, до 19-ти јануари треба да биде условно пуштен на слобода. Управата на казнено поправниот дом Идризово во Скопје, каде владиката се наоѓа повеќе од три години побарала Вранишковски да биде пуштен на слобода затоа што се ресоцијализирал“, пишува српски Курир.

Српски Курир понатаму пишува дека адвокатот на Вранишковски, Васко Георгиев изјавил дека не смее ништо да коментира се додека постапката не биде завршена и додека не се донесе правосилна пресуда за условното пуштање на Вранишковски на слобода. Исто така, засега и СПЦ се оградува од било какви коментари до официјалното соопштение на Светиот архиерејски синод.

„Целата постапка доби дополнителна динамика пред Божиќ по барањето на неканонската Македонска црква упатено до властите во Скопје, поради повисоки цели да се издејствува „милост и ослободување“ за затворениот Јован Вранишковски“, пишува Новости.

„Ослободувањето на Јован Вранишковски се очекуваше по посредувањето на претседателот на Одделението за надворешни работи на московската патријаршија, митрополитот Иларион. По посетата на Иларион во Македонија, Архиерејскиот синод на МПЦ ги повика македонскитевласти „да покажат милост“ кон Вранишковски“, пишува српски Блиц.

Инаку, Советот на Основниот суд Скопје 1 донел решение за условен отпуст на расчинетиот владика Јован Вранишковски, бидејќи ги исполнувал сите законски услови, односно тој одлежал повеќе од половина или три години и два месеци од 5 и пол годишната затворска казна.