Осма Смоквијада во Гевгелија

Во Гевгелија денеска ќе се одржи осми натпревар во варење слатко од зрели смокви „Смоквијада 2014“, во организација на здружението на граѓани „Тера“ и со финансиска и логистичка поддршка на општината.

Натпреварот ќе почне во 20 часот на ракометното игралиште во Гевгелија. Најавено е учество на 17 екипи кои ќе варат слатко од зрели смокви по свој рецепт. Победниците ќе бидат прогласени утре на градскиот плоштад. Целта на натпреварот е да се зачува традиционалниот начин на готвење слатко од зрели смокви.

Градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов на прес-конференција во пресрет на манифестацијата рече дека таа прераснува во гевгелиски бренд.

– Посебно не радува што слаткото од смокви, кое се подготвува речиси во секој гевгелиски дом, ќе се прави пред очите на јавноста и на тој начин ќе се презентира една долга традиција, рече Франгов.

Пред почетокот на натпреварот, на градското шеталиште ќе има фолклорно дефиле, а во културно-уметничката програма ќе учествуваат Наум Петрески, Даниел Кајмакоски и Иван Раденов, групи од Гевгелија и гости од Србија и Хрватска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.